Wednesday, December 22, 2010

Даме Дамјан Груев

Даме Груев (Дамјан Груев, Дамјан Јованов - Даме) (Смилево, 19 јануари 1871 - Русиново, 23 декември 1906) бил македонски револуционер, еден од основачите на ТМОРО и најценетите и највлијателните негови раководители, заедно со Гоце Делчев.
Груев е роден во 1871 г. во Смилево (Демирхисарско). Според некои имал мијачко потекло од селото Селци. Потекнува од ѕидарско-печалбарско семејство. Се школувал во родното место - селото Смилево, демирхисарско, до четврти клас учи во Битола а потоа во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“.
Во јануари 1888 година, во една група од 19 души меѓу кои и Петар Поп Арсов, привлечен од српската пропаганда, заминува да учи во Белград бесплатно на сметка на Друштвото „Свети Сава“. Таму, завршува гимназија и пак на сметка на „Свети Сава“ се запишува во Великата Школа. Во 1891 исклучен од школата го напушта Белград. Се запишува историја на Вишото училиште во Софија, но во 1881 година и оттаму е исклучен. Во Софија со неколкумина сомисленици од кругот околу „Лоза“ создаваат „Дружба“ со цел да бараат примена на член 23 од Берлинскиот договор.
Од 1891 до 1893 година бил егзархиски учител во селото Смилево и во Прилеп.
Од летото 1894 година започнал да ги формира првите револуционерни комитети на македонската револуционерна организација во повеќе градови и села во Македонија. Бил егзархиски учител во Штип и инспектор во солунско, а потоа и гимназиски наставник во Битола и раководител на Битолскиот револуционерен округ.
По убиството на министерот за финансии Христо Белчев, Даме и некои од неговите другари биле уапсени како осомничени. Во април 1821 година заминува за Македонија. Поднел молба да биде назначен за егзархиски учител во Битола, но молбата му е одбиена. Назначен е за егзархиски учител во Смилево. Следната година учителствува во Прилеп, а летото во 1893 заминува во Солун, каде работи како коректор во печатницата на Коста Самарџиев.
Даме бил иницијаторот за основачката средба на ВМОРО на 23 октомври (стар стил) 1893 година во Солун. Избран е за секретар и касиер на Централниот Комитет. Како што сам кажува организацијата е создадена „по пример на Револуционерната организација во Бугарија пред ослободувањето... по примерот на Ботев, Левски, Бенковски“. Од основањето на тајната македонска револуционерна организација и првиот Централен комитет, Груев цели шест години ја обиколува Македонија во убедување, проучување и посветување на македонското дело на нови приврзаници, според прописите на Уставот.
Од 1894 до 1895 г. назначен е за егзархиски учител во Штип, каде учителствува заедно со Гоце Делчев и Туше Делииванов. Од 1895 година се враќа во Солун, како училишен инспектор каде се активира и во работењето на Организацијата со што го воведува шифрарникот. Во периодот 1897-1898 е интерниран од Солун во Битола каде развива голема дејност за закрепнување на револуционерните комитети, за формирање на нови комитети и привлекување на нови соборци, а на 6 август 1900 година е уапсен и осуден на 10 години затвор, затворен во битолскиот затвор, поради таканаречената Попставрева афера.
И од битолскиот затвор Даме раководи со делото, посебно со Битолскиот вилает. На 29 мај 1902 г. од затворот во Битола е испратен во Подрум кале. Тука затворските казни ги издржуваат Христо Татарчев, Христо Матов, Пере Тошев, Иван Хаџи Николов и други. Амнестиран е пролетта 1903 г.
На Смилевскиот конгрес во почетокот на мај 1903 година Даме Груев, Атанас Лозанчев и Борис Сарафов се избрани за членови на Главниот штаб на Илинденското востание во Битолскиот револуционерен округ на кој конгрес е донесена и официјализирана нова стратегија и тактика на востанието. Учествува во донесувањето на одлуката за датумот на кревање на востанието. Тој бил најмногу задолжен за бранење на Смилевското подрачје. Заедно со Ѓорѓи Сугарев ја раководат одбраната на Смилево. На 14 август одбраната на Смилево е пробиена и востаниците биле принудени да се повлечат по високите места на Бигла планина. Во востанието и по него заедно со народот ги споделува последиците од него. На 9 септември 1903 година, Даме и Борис Сарафов во името на Главниот штаб испраќаат писмо до бугарската влада со повик за помош од Бугарија.

Даме Груев убиен во 1906 година
При крајот на 1904 година, Даме е заробен од србоманскиот војвода Глигор Соколовиќ - Љамето, но Пере Тошев му се заканува на персоналот на српското дипломатско претставништво во Софија и Даме е ослободен.
На Рилскиот конгрес (октомври 1905) избран е за претседател на ЦК. По заминувањето во Софија, се разочарал од состојбите кои се случувале во Организацијата. Според спомените на Дамјан Наумов, по напуштањето на Софија, Даме Груев извикал: „Си одам разочаран, не се враќам повеќе овде.“ И навистина, на 23 декември 1996 година, заедно со своите верни другари Сандо Китанов, Георги Карчев херојски загинува на врвот Петлец над селото Русиново. Коските на тројцата храбри борци биле погребани во еден гроб во дворот на Русиновската црква.

No comments:

Post a Comment